Ноќва експлозии во Бејрут, ИДФ потврди: Напаѓаме цели на Хезболах, елиминирани уште двајца команданти
Израелските одбранбени сили (ИДФ) штотуку потврдија дека моментално напаѓаат цели на Хезболах во либанската престолнина. Во Бејрут се слушаат експлозии, јавуваат агенциите, откако претходно портпаролот на израелската војска на арапски јазик го предупреди населението во предградијата на Бејрут дека се наоѓаат во зона каде што има инсталации на Хезболах кои ќе бидат мета на напад и побара од цивилното население да се евакуираат.
Инаку, израелската војска соопшти дека синоќа елиминирала уште двајца високи команданти на Хезболах. Портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ) изјави дека ќе продолжат да ги гонат и другите команданти, како и оние кои му се закануваат на Израел.
Како одговор на денешниот ирански ракетен напад врз Израел, ИДФ соопшти дека ќе дејствува „во време и место по наш избор“ и вети дека ќе има „последици“ за акциите на Техеран.
Тие додадоа дека израелските и американските одбранбени системи функционираат „ефикасно“, со тесна соработка во откривањето и пресретнувањето на иранските ракети.
САД и Израел рекоа дека иранскиот напад бил „неефикасен“, и покрај тврдењата од Техеран дека 90 отсто од неговите ракети ги погодиле нивните цели.
Израелските власти објавија дека еден човек загина на Западниот Брег по масовното иранско воздушно бомбардирање на Израел вчеравечер.
Многу од околу 200 истрелани проектили беа соборени, додека некои паднаа во делови на Израел и окупираниот Западен Брег.
Војската објави снимка на која се гледа дека има сериозна штета на училиште во централниот израелски град Гадера, но нема информации за повредени во овој град.