Нобелова награда за мир

И покрај договорот за склучување на мир во Појасот Газа и размена на заложници помеѓу Израел и Хамас, еден од главните протагонисти за мировниот договор, Доналд Трамп не успеа да ја добие Нобеловата награда за мир, која заврши во раце на лидерката на венецуелската опозиција Марија Корина Мачадо.

Јорген Ватне Фриднес,  претседател на Норвешкиот Нобелов комитет

„Како лидер на демократското движење во Венецуела, Марија Корина Мачадо е еден од најнеобичните примери на граѓанска храброст во Латинска Америка во последно време. Таа ја добива Нобеловата награда за мир за нејзината неуморна работа во промовирањето на демократските права за народот на Венецуела и за нејзината борба за постигнување праведна и мирна транзиција од диктатура во демократија“, рече Јорген Ватне Фриднес, претседател на Норвешкиот Нобелов комитет.

Нобеловиот комитет, венецуелската опозиционерка експлицитно ја нарече „шампион на мирот кој го одржува пламенот на демократијата да гори среде растечката темнина“.

Иако очите на јавност беа вперени кон претседател Доналд Трамп, кој претходно  на Генералното собрание на ОН минатиот месец се самопрогласи за главен кандидат, сепак нобеловиот комитет донесе поинаква одлука... 

Од Белата куќа се огласија со критика по одолуката на нобеловиот комитет, оттаму сметаат дека одлуката е политичка.

„Претседателот Трамп ќе продолжи да склучува мировни договори, да завршува војни и да спасува животи. Тој има срце на хуманитарец и никогаш нема да има некој како него што може да поместува планини со чистата сила на својата волја. Нобеловиот комитет докажа дека ја става политиката пред мирот“, велат од Белата Куќа.

Инаку, и покрај лобирањето на некои држави и политичари, Трамп не ни бил во конкуренција за наградата оваа година зашто номинирањето беше завршено во јануари.