НЛБ Банка со голема донација на пет општествено корисни организации и институции

Под мотото „Свет полн со добрина е свет полн со можности“, денеска НЛБ Банка организираше настан на кој на пет невладини организации и институции официјално им врачи донации во вкупна вредност од 150.000 евра (30.000 евра за секоја). Добитниците беа избрани од вработените во Банката по пат на интерна анкета, препознаени како организации и институции кои носат позитивни промени и се силна поддршка во локалната заедница. 

Добитници на донациите се: Асоцијацијата за цистична фиброза, Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, Црвениот Крст на Град Скопје и Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“.

Проектот е дел од голема регионална донаторска акција на НЛБ Групацијата. Иницијативата произлезе токму од Групацијата која мотивирана од исклучителните деловни резултати остварени во првиот квартал од годинава и од желбата дел од добивката да ја насочи кон создавање одржлива иднина за сите, одлучи да донира вкупно 1,35 милиони евра на сите пазари каде што е присутна. Вработените во целата НЛБ Групација номинираа близу 100 организации, а потоа со гласање избраа повеќе од 30 приматели во целиот регион меѓу кои здруженија, хуманитарни организации и групи кои покриваат различни области: грижа за деца, грижа за социјално ранливите категории, семејства, стари лица, пациенти со ретки болести и др.  

„Ние во НЛБ, одговорноста кон нашите клиенти, вработените и заедницата ја гледаме како наша мисија. Во исто време, добро знаеме дека не можеме сами да го промениме општеството на подобро, туку само здружени и заедно со поединци и организации кои веќе работат на општествено корисни проекти и создаваат подобар свет. Среќни сме кога помагаме, кога мотивираме и инспирираме на добри дела. И не само тука, туку и во целиот наш матичен регион за кој велиме дека не е само точка на мапата, туку наш дом. Им честитам на добитниците и искрено верувам дека овие донации ќе имаат позитивно влијание, ќе помогнат и ќе донесат радост на многу наши сограѓани“. - истакна претседателот на Управниот одбор на НЛБ Банка, Бранко Грегановиќ. 

Во своите обраќања, добитниците на донациите искажаа огромна благодарност до Банката и истакнаа дека НЛБ е вистински пример за општествено одговорна компанија, со високо развиена свест за солидарност, емпатија и хуманост, а помошта на Банката кон организациите, здруженијата и институциите е несебична и неселективна.  

НЛБ е силно посветена на проекти кои овозможуваат одржливост со посебен фокус на организации и институции од јавен карактер кои имаат витална улога во општеството и работат за доброто на заедницата. Ваквите активности, како што беше посочено и на настанот, ќе продолжат и во иднина, сè со цел да се подобри квалитетот на животот во нашиот регион, за денешните, но и за генерациите кои доаѓаат.