Њујорк го забрани оружјето на многу јавни места по одлуката на Врховниот суд

Државата Њујорк усвои закон со кој се забранува носење оружје на многу јавни места, меѓу кои и Тајмс Сквер, додека оние кои бараат дозвола за оружје ќе мора да ги докажат своите вештини за пукање и да им ги дадат на државните службеници профилите на социјалните мрежи за преглед.

Овој закон беше усвоен на посебна законодавна седница, а неговото донесување беше поттикнато од минатонеделната одлука на Врховниот суд со која беа поништени стогодишните рестриктивни закони за оружје во Њујорк.

Мнозинството конзервативни судии на Врховниот суд за првпат во историјата пресуди дека Уставот на САД го гарантира правото на носење оружје во јавност за самоодбрана.

Демократските лидери во Њујорк ја осудија пресудата на Врховниот суд, бидејќи веруваат дека повеќе сопственици на оружје ќе доведат до поголемо вооружено насилство.

Тие признаваат дека мора да ги олабават барањата за давање дозволи за да се усогласат со пресудата, но ќе се обидат да задржат што е можно повеќе ограничувања во име на јавната безбедност. Некои од овие ограничувања сигурно ќе бидат предмет на тужби.

Врховниот суд одлучи дека барањата за дозвола, кои во Њујорк се на сила од 1911 година, на државните службеници им даваа премногу можност за одбивање да даваат дозволи.

Демократската гувернерка на Њујорк, Кети Хочул, свика итна седница и рече дека досегашните закони за оружје во Њујорк резултирале со тоа Њујорк да има петта најниска стапка на смртност од оружје од 50 сојузни држави.

„Нашата држава ќе продолжи да ги штити граѓаните на Њујорк, и покрај одлуката на Врховниот суд“, рече таа на конференција, додека пратениците расправаа за законот.