Низок стандард - „изгор“ цени, зголемен увоз за сметка на намалено домашно производство
Наместо инвестиции – нови критериуми за субвенции, наместо да се вложува во домашното производство, земјава се турка во увозна зависност. Бројот на домашни производители во државата продолжува да се намалува, а сè поголем е бројот на производители, претежно помлади земјоделци, кои ставија клуч на своите фарми. Велат, зголемените трошоци за производство и намалените цени на дел од земјоделските производи си го направија своето.
И покрај тоа што има услови за домашно производство на одредени култури, сепак државата троши милиони евра за увоз на финални производи, бидејќи некои од нив се комплетно исчезнати од македонските ниви, а некои сѐ помалку се сеат, но факт е дека површините со некои од нив континуирано се намалуваат или стагнираат. А, освен одредени земјоделски култури, земјоделците од истокот алармираат дека и бројот на производители ќе продолжи да се намалува.
Драстичниот пад на и онака намаленото домашно производство е главната причина за зголемените цени, посочува претседателот на Националната Земјоделска мрежа и според него за очекување е дека цените на храната допрва ќе растат.
Зошто толку малку средства се вложуваат во македонското земјоделие, но и зошто истите се кратат е прашањето кое се отвора, по информацијата дека земјоделските субвенции се скратени за 40 милиони евра. На што се должи ова кратење и кој сектор од земјоделието ќе биде најпогоден – одговорите на овие прашања се очекуваат од ресорното министерство, на утрешниот брифинг со новинарите.

