Нивото на Охридското Езеро се спушти на минималната кота
Foto

Нивото на Охридското Езеро се спушти на минималната кота

Водостојот на Охридското езеро се уште е под природниот просек, цветањето на зелените алги во ноември говорат дека езерото и понатаму губи големи количества вода. Откако водостојот се симна точно на минималната кота од 693,10 екологистите уште погласно алармираат и предупредуваат дека ако продолжи водостојот и понатаму да опаѓа, освен што се заканува колапс на растителниот и животинскиот свет, опасна штета можат да претрпат и објектите долж кејот.

Екологистот Лазо Наумоски од Охрид вели постојат трајни решенија за ваквиот децениски проблем и итно треба да се земат како опција за да не се случуваат ваквите големи осцилации кај водостојот.

Намаленото ниво на езерото е највоочливо од градскиот кеј каде се гледаат исушени крајбрежни делови и камења. Оваа состојба предизвика низа проблеми и во одвивањето на пловниот сообраќај. Од Капетанијата велат имаат проблеми со пристапување на бродовите во внатрешноста на пристаништата во Охрид и Св. Наум, како и во каналот Студенчишта.

За неповолната хидролошка состојба на езерото реагираа и од ОК - ВМРО ДПМНЕ.

Од „Електрани на Македонија“ причината за неповолната хидролошка состојба на Охридското но и на останатите природни и вештачки езера во земјава ја гледаат во долгите сушни периоди без врнежи. Со првиот сезонски дожд велат состојбата ќе се регулира.

0 Коментари

Остави коментари