Нивите кај Мустафино се уште го “чекаат“ соларниот парк “Стипион“

Се уште се чека на реализација на енергетските проекти што од Владата добија потпис врз основа на Законот за стратешки инвестиции. Таква е состојбата и со соларниот парк „Стипион“  кај Мустафино за чиј старт требаше да се донесе посебен Закон во првиот квартал од годината.

Доцнењето им влева надеж на земјоделците дека проектот нема да се реализира бидејќи се одземаат над 450 хектари од најплодното земјоделско земјиште во овчеполието. Соларниот парк „Стипион“ треба да се постави на местото каде требаше да се гради карго аеродром.

Нивите кај Мустафино се уште ги чекаат соларните панели на француската „Акуо Енерџи“. Осум месеци по владината одлука соларниот парк „Стипипон“ да стане стратешка инвестиција нема никакви активности на терен. Се чека на посебен Закон за да почне неговата реализација. Така е со сите седум проекти што добиле потпис од Владата врз основа на Законот за стратешки инвестиции. За земјоделците тоа е добар знак. Се надеваат дека проектот ќе се откаже. Велат штета е да се изгуби најплодното земјиште во овчеполието што е и под систем за наводнување.

Официјални информации околу статусот на соларниот парк „Стипион“ немаат ниту во општина Свети Николе. Велат до нив не се стигнати никави барања од инвеститорот, но и да стигнат нивната работа е само техничка, посебно кога станува збор за инвестиции кои имаат статус на стратешки.

Соларниот парк „Стипион“ треба да се постави на местото каде требаше да се гради карго аеродром. За намената на овие 452 хектари Владата постојано се премислува, но и повторно ќе плаќа пари од буџетот. Прво во 2006-та направи експропријација на земјиштето, тоа од земјоделско стана градежно, па од 2011 повторно склучи 90 договори со земјоделците кои до сега го обработуваат.

Проектот како стратешка инвестиција беше промовиран лани во Декември од тогашниот премиер Заев.  Инвестицијата треба да се реализира преку Друштвото за производство на електрична енергија „ОСТРО СОЛАР” – Скопје. Планот е да вложат 270 милиони евра и да се произведуваат 620 GWh.