Ниска хидролошка состојба на акумулацијата Калиманци - земјоделците бараат децентрализација на водостопанство „Брегалница“
Алармантно ниско ниво на акумулацијата Калиманци. Пред новата сеидба неизвесно е колку површини ќе бидат под вода, бидејќи во браната моментално има само 42 милиони кубни метри вода, што доколку продолжи периодот без врнежи најверојатно ќе резултира со редукција на површините, вели за 24 раководителот на кочанската подружница на Водостопанство, „Брегалница“, Горан Зашов.
Во моментов течат активностите за чистење на каналите за наводнување, а официјално до 15ти април треба да заврши целокупната подготовка на хидросистемот Брегалница и потоа да се пристапи кон наводнување. Но, земјоделците од кочанскиот регион, свесни за актуелната ситуација, бараат децентрализација на „Брегалница“. Велат, Водостопанство не врши квалитетна услуга кон земјоделците и затоа бараат да се врати старата форма на општински водни заедници.
Инаку, намалената хидролошка состојба и системот за наводнување се уште еден проблем на оризопроизводителите пред сеидбата, но и понатаму главен проблем останува неоткупениот ориз од последната реколта.