Николовски за МИА: Очекувам годинава да бидат срушени рекордите за извезено вино

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски очекува годинава да бидат срушени рекордите за извезено вино. Во интервју за МИА, вели дека македонското вино е нашиот најголем амбасадор и дека се отвараат нови пазари како што се Кореја, Бразил и други држави во светот. 

- Сите политики што ги водиме се во правец да произведуваме финален производ и токму затоа оваа година за 12 милиони евра е зголемен извозот на флаширано вино, а паѓа извозот на наливно вино. Токму тоа што паѓа извозот на наливно вино и расте извозот на флаширано вино, говори дека навистина сите политики, мерки и активности водат во правец да го преработуваме нашето грозје и да работиме на брендирање и на имиџ на македонското вино, посочува Николовски во интервјуто за МИА што го даде на саемот „Винска визија на Отворен Балкан“ што од 16 до 20 ноември се одржува на Белградскиот саем.