Николовски: Не се закажува седницата за измените на законот за земјоделско земјиште
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска од пред Собранието на Република Северна Македонија, уште еднаш го повика претседателот на собраниската комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски, итно да закаже седница на комисијата за да се разгледаат и усвојат предложените измени на законот за земјоделско земјоделско земјиште.
„Повеќе од еден месец претседателот на собраниската комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски ги блокира измените во законот за земјоделско земјиште. Измени во законот предложени по скратена постапка уште на 19 февруари, а со кој предвидуваме можност земјоделците што имаат истечен договор за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост, да можат непречено да го користат, се до склучување на нов договор и за истото да остваруваат право на субвенции во перидоот на изборниот процес“, изјави министерот Николовски.
Преку овие измени се овозможува, на тие закупци правото на користење на земјиштето, во овој период, во единствениот регистар на земјоделски стопанства да им биде запишано по службена должност на МЗШВ, без барање и трошоци за земјоделците за елаборати и административни такси.