Николовски и Груби на преговори: ЕУ, Договорите со Грција и Бугарија, но и „изборните програми “ на партиите
Foto

Николовски и Груби на преговори: ЕУ, Договорите со Грција и Бугарија, но и „изборните програми “ на партиите

СДСМ и ДУИ се договорија за приоритетите на евентуалната идна Влада. По средбата на која беа фотографирани Љупчо Николовски и Артан Груби - најблиските луѓе од доверба на Ахмети и Заев излегоа со заеднички информации до медиумите.

Порачуваат дека разговараат за коалиција со полн четиригодишен и стабилен мандат. Никаде не се споменува клучното барање на Ахмети за премиер-Албанец, од кое не отстапуваше до последен момент, но меѓу редови се чини дека има некаков договор по тоа прашање.

„Разговаравме дека евентуалната заедничка владина програма мора да биде во согласност со Уставот, законите и изборните програми на СДСМ и ДУИ.“ - се вели во соопштението на СДСМ и ДУИ.

Меѓу приоритетите кои се напоменуваат се дека ќе се почитуваат договорите од Преспа, Грција, Бугарија и Охридскиот рамковен договор. Од друга страна за идна коалиција активно работи на терен и Христијан Мицкоски. И тој се сретна со Али Ахмети вчера, но никакви детали не се откриваат. Извори од ВМРО-ДПМНЕ брифираат дека Мицкоски разговара со лидери на помалите партии кои се во коалицијата на Зоран Заев. 

Ахмети ги кани лидерите на сите албански партии на средба викендов, да застанат зад неговите позиции. Дали Села, Гаши, Касами и Тачи ќе му одговорат на повикот, не откриваат. Од коалицијата Алтернатива-Алијанса му порачуваат да оди во опозиција.

Вторник, најдоцна среда се очекува Стево Пендаровски да го додели мандатот на Зоран Заев. Ова се очекувањата од Бихаќка, неофицијално, но деталите од разговорите кои интензивно се водат се чуваат во тајност.

0 Коментари

Остави коментари