Николовски: До крајот на годината ќе бидат исплатени субвенциите за сточарите за 2022

„Кајмакот“ го собираат трговците и откупувачите, обвинуваат сточарите. Производството на млеко во државата постојано се намалува поради ниските откупни цени, кои во моментов се движат од 30 до 34 денари за литар предадено млеко, а сточарите ги продаваат кравите затоа што трошоците им се поголеми од добивката.

И додека млекото, сирењето, кашкавалот, урдата и другите млечни производи постојано поскапуваат, откупната цена на млекото останува речиси иста, тврди потпретседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Гоце Серафимов.

И додека сточарите се жалат на ниската откупна цена на млекото, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски се пофали дека производителите на млеко деновиве ќе ги добијат заостанатите субвенции од изминатата 2022-ра, но и дека ќе им бидат исплатени 30 отсто од субвенциите за тековната 2023.

Инаку, се’ уште неисплатените субвенции за литар предадено млеко за претходната година, а кои требало да им бидат исплатени до крајот на минатата година, е една од главните причини да македонскиот сточен фонд постојано се намалува, а голем дел од традиционалните сточари масовно го напуштаат овој бизнис, бидејќи високата инфлација секојдневно си го зема данокот.