НИКОЛА ГРУЕВСКИ ЌЕ ОСТАНЕ БЕЗ ПРАТЕНИЧКА  ПЛАТА

На Никола Груевски ќе му се укине пратеничката плата, доколку во Собрание неговите колеги го поддржат новиот предлог закон. Во законот кој што е потпишан од група пратеници, а како дополнување на дневниот ред го предложи Снежана Калеска Ванчева. Но не беше образложена неговата единствена измена.

- „Ако пратеникот е осуден со правосилна судска пресуда на казна затвор подолга од шест месеци, го губи правото на исплата на плата, други лични примања и надоместоци на трошоци.“

Откако Груевски избега во Унгарија, Собранието донесе одлука месечно да му се крати по 5 отсто од платата. Пратеничкиот мандат пак остана кај него, бидејќи осуммината исклучени пратеници од ВМРО ДПМНЕ не го поддржаа мнозинството, а мандат на пратеник се одзема со 80 гласа. Токму тука според дел од мнозинството во Собранието е најспорниот момент во законот. Толкуваат дека не може да му се одземе надоместокот на актуелен пратеник и дека законот не го помина филтерот на уставниот суд.

Но освен платата на пратеникот Груевски, на собраниска седница, пратениците треба да гласаат и за зголемувањето на платите на вицепремиерите.

За опозицијата плус 8000 денари на сметката на пет вицепремиери е срамно.

Пратениците од власта останаа неми за раст на платите на највисоките владини функционери – гласаа против предлогот на Ѓорчев да се тргне точката од дневен ред. Но, најавија дека ќе гласаат против кога ќе дојде предлогот на ред за гласање.

Бујар Османи, Радмила Шеќеринска, Оливер Спасовски, Кочо Анѓушев и Хазби Лика се петмината вицепремиери за кои Владата пред еден месец достави предлог до Собрание за раст на месечните плати по 8000 денари. Јавноста остро реагираше на ова, а од Владата негираа и се правдаа дека станува збор за усогласување на Законот со Законот за Влада.

Месечните примања на замениците на премиерот се движат од 75 илјади до 92 илјади денари.