Никој не се чувствува виновен за најголемата трагедија во историјата на Македонија
Обвинетите 34 физички и три правни лица за пожарот кој настана на 16-ти март во кочанската дискотека „Пулс“, не се чувствуваат виновни за она што им се става товар и пред судот кажаа дека ќе го докажат спротивното.
Сопственици, управители, инспектори, екс градоначалници, министри, директори, службеници како и обезбедувачи кои се на обвинителна клупа- изразија сочувство кон починатите и побрзо оздравување на повредените, според едни обвинението е политичко монтирано, според други помагале при изнесувањето на гостите од локалот и не им е јасно зошто се обвинети, а некои се изјаснија дека долг временски период не извршуваат одредени функции.
Судскиот процес го води судијката Диана Груевска Илиевска, а денеска продолжи со воведни говори на одбраната на обвинетите. Адвокатката на сопственикот на „Пулс“ Дејан Јованов и неговиот син Михаил наведе дека на Дејан Јованов му паднала на товар институционалната неодговорност, а употребата на пиротехниката според одбраната, никогаш не била пријавувана од групата ДНК.
Дејан Јованов во судницата кажа дека по девет месеци во затвор не може да поверува што се случило на 16.03.2025г. и нагласи дека како родител никогаш не би дозволил да недостасува нешто во клубот каде што се собираат младите, меѓу кои и неговите деца.
Адвокатката Ивана Коцевска за Михаил Јованов, посочи дека обвинението против него се темели само врз основа на тоа што е син на сопственикот на „Пулс“.
Според одбраната на Митко Стојанов, Гроздан Милковски, Милка Ендровска, Тодор Јованов, Стојанчо Димитриев и фирмата Венци Проект, нивните клиенти не презеле дејствија кои би имале директна врска со трагичниот настан, наведоа дека поседуваат валидна документација.
На почетокот на судењето обвинетиот службеник од министерството за економија Џеваир Камбери беше опоменат од судијката бидејќи во затворот кај него биле пронајдени 13 мобилни телефони и еден лап топ.
Судењето се одвива под засилени безбедносни мерки, со присуство на обвинети, роднини на жртвите, обвинителството, одбраната и јавност во судницата во КПУ Идризово. Следното рочиште е закажано за в четврток.

