Независните синдикалци бараат подобар третман од државата, но и повисоки плати, освен ветените 5%
Foto

Независните синдикалци бараат подобар третман од државата, но и повисоки плати, освен ветените 5%

- Нестручни професори или класни раководители предаваат предмети како математика, физика, хемија. Допрва ќе дојде време кога часовите ќе се намалуваат или во некои училишта предметите ќе се укинуваат, бидејќи ќе нема кој да ги учи младите, алармираа денеска од  независниот синдикат за образование и наука. Велат оваа професија веќе не сака да ја работи никој, бидејќи со плата под државниот просек, наставниците живеат на маргините. Ветените 5 отсто покачување на платите велат не се доволни, па побараа ист третман како вработените во детските градинки.  

„Идните генерации немаат никаква мотивациај да студираат и затоа имаме недостаток на кадри, голем проблем е да се најде кадар за математика, физика, хемија...во повеќе училишта се намалуваат и работните часови по овие предмети бидејќи нема професори.“ вели Енвер Ајдини, потпретседател на  Независен синдикат за образование и наука

Наставничката професија низ годините се деградираше во целост, велат и дел од професорите, потенцирајќи ги поразителните статистики, кои покажуваат дека ретко кој млад човек се запишува на факултет за да стане наставник.

„Пред се треба деполитизација на школството да се тргнат партиите од школите затоа што многу е политиката навлезена во училиштата и тоа е голем проблем. Исто така, платата, ако не одат платите нагоре како ќе се мотивираат? “вели Валентина Мишкова-Кенкова, наставничка во ОУ Кирил Пејчиновиќ во Скопје.

Од министерството за образование пак, потсетуваат дека минатата година платите во образованието пораснале за 5 проценти, и дека трендот ќе продолжи и годинава. Дефицитот на кадар пак, ќе го решаваат со стипендии. 

„По однос на недостигот на кадар по предметите математика, хемија и физика, информираме дека Министерството за образование и наука ја има детектирано состојбата и во таа насока веќе неколку години се доделуваат стипендии во вредност од 18.000 денари на месечно ниво за студенти кои ќе се запишат на студиски програми од овие области, со цел обезбедување на кадар кој потоа ќе пренесува знаење на основците и средношколците.”- стои во соопштението на Министерството за образование. 

Сепак, дел од професорите потенцираат дека за да се врати интегритетот кај оваа професија,  освен финансиска поддршка, државата  мора да се посвети на сериозни инвестиции за подобрување на образовниот систем, како и целосно да ги деполитизира училниците.  

0 Коментари

Остави коментари