Независен синдикат на полицијата: Државата носи закони, а не ги почитува - ги бараме ветените плати и работнички права
Foto

Независен синдикат на полицијата: Државата носи закони, а не ги почитува - ги бараме ветените плати и работнички права

Три месеца по носењето на новиот закон за извршување на санкции, затворската полиција и натаму на суд си го бара сработеното. Повисоките плати и до 7000 денари, кои требаше да ги добијат со новите законски измени, од независниот синдикат на полицијата велат останаа само на хартија. Недостасуваат правилници, подзаконски акти и колективниот договор, кој го бараат со години. Денеска прстот го вперија и во директорите на затворите. 

„Да се зафатат со нивната работа и да си ја вршат работата и да го имплементираат законот, што е донесен на крајот од мај кој е официјален и обврзувачки. Ние не се бориме за било што се бориме за подобри приходи тие ни го ускратуваат. " - порача  иво јовановски, претседател на независен синдикат затворска полиција и администрација во затворот куманово. 

„Неимплементацијата на законот за извршување на санкции освен тужбени трошоци ќе сноси и последици врз квалитетот на извршувањето на сите работни задачи на вработените во затворите." - посочи  Горан Ристески од Независен синдикат на затворска полиција и администрација

Повеќе од 200 вработените само во затворот идризово во моментов ја тужат државата за неисплатени саатници и бонуси, велат синдикалците. Колективниот договор пак, со кој треба да се решат и сите недоречености  обвинија дека го кочат синдикалците од УПОЗ.

„Министерката за правда ни даде можност сето ова да го правиме но кочничарите од другите фантом синдикати, ќе им го ускратиме правото да прават што сакаат и ќе им дадеме црвен картон за да може да ја надминеме секоја негатива во делот на работниците во затворите."  - изјави Гоце Делчев Тодев, претседателот на Независниот синдикат на полицијата. 

Претседателот на УПОЗ, Пецо Грујовски вели нема никакви опструкции од нивна страна, а независниот синдикат на полицијата го обвини дека шири пропаганда за да го придобие членството. Колективниот договор очекува да биде потпишан што поскоро, а истото го уверува и директорот на управата за извршување на санкции.

Јовица стојановиќ во телефонски разговор вели не е точно дека законот не се почитува, бидејќи во него не биле прецизирани конкретни суми за плати. Сетоа тоа вели, ќе се реши со колективниот договор и со дополнувањата на законот, кои очекува да се завршат до септември. До тогаш, затворските полицајци ќе го добиваат она што им следува како и досега - на суд. 

0 Коментари

Остави коментари