Незаконски тендери?!

Чартер летови во четири очи, пасоши со таен договор. Според истражување на Центарот за граѓански комуникации, иако првичниот договор со фирмата која ги печати пасошите истекол во 2016 година, МВР не открива кога, како и под кои услови договорот бил продолжуван до денес, иако во меѓувреме се платиле преку 100 милиони евра за лични документи. Од друга страна, Министерството за надворешни работи однапред исплатило речиси еден милион евра за евакуациски летови од Блискиот Исток, иако според анализата, Законот за јавни набавки дозволува авансно плаќање до 20 проценти од вредноста на договорот. Според истражувањето, јавноста нема увид ниту во важечките договори за изработка на личните документи, ниту во анексите со кои тие биле продолжувани. Според Центарот за граѓански комуникации, токму поради тоа остануваат нејасни финансиските услови под кои државата со години ја реализира оваа набавка.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека постапката за набавка на обрасци се спроведува согласно Законот за јавни набавки, а цените што ги плаќаат граѓаните се утврдени со владина одлука.

Истражувањето се осврнува и на организацијата на евакуациските летови од Блискиот Исток во март годинава, за кои Министерството за надворешни работи однапред исплатило речиси еден милион евра. Анализата нотира дека договорот бил склучен со само една понуда и дека дел од финансиските детали не се достапни за јавноста. Дополнително, не може да се утврди ниту колкава провизија добила фирмата посредник бидејќи таа не е наведена во достапната документација.

Од „надворешни“ категорично ги отфрлаат наводите од истражувањето и велат дека евакуацијата била спроведена во исклучително сложени услови на воен конфликт и непосредна опасност за македонските државјани. Според МНР, постапката била законска, а изборот на авиопревозниците бил направен дури откако претходно биле контактирани повеќе компании кои не доставиле понуди.

Од Центарот за граѓански комуникации велат дека не ја оспоруваат потребата од евакуација на македонските државјани, туку начинот на кој е спроведена постапката и почитувањето на правилата за трошење јавни пари. Според Центарот, Министерството не дало одговор на клучните прашања за изборот на понудувачот и за авансното плаќање, кое според нив не било предвидено во тендерската документација и не е во согласност со одредбите од Законот за јавни набавки. Во истото истражување се посочува и случај со базен во Општина Сарај, за кој биле исплатени милиони денари, иако објектот, според наодите на Центарот за граѓански комуникации, останал само на хартија.