Невладни организации: Законот за урбанизам – прв тест за претседателката Давкова
Јавен повик до Претседателката на државата, Гордана Силјановска Давкова од граѓанските организации да не става потпис на измените во законот за урбанизам. Сега „топката“ е кај Претседателката и ова ќе биде првиот испит за неа, порачаа организациите. Побараа законот да се врати назад во собраниска постапка и да се слушне гласот на експертите.
Дарко Арсовски - Зелен Хуман Град
„Се надеваме дека ќе се врати назад во собраниска постапка да има начин да се вклучиме и ние и урбанистите и планерите и експертите да направиме еден добар план, кој наместо да направи полошо ќе нправи подовбро за сите, посебно за сите, како мајка на целата нација бараме од нејзе да не го потпише овој указ“.
Граѓанските организации испорачаа низа забелешки за законските измени, кои според нив ќе донесат дополнителен хаос во урбанизмот, но пратениците ги изгласаа по скратена постапка и без јавна расправа.
Татјана Стојановска – О2 Иницијатива
„Бевме ислушани, но не бевме послушани и сега оваа изјава е повеќе да се види дека граѓанскиот сектор комплетно се организира и бара од Претседателката да во овој момент реагира на вистински начин и да организира сослушување на сите засегнати страни во врска со овој закон бидејќи овој закон ги засега сите граѓани“.
Од кабинетот на Силјановска Давкова нема одоговор на прашањето како ќе постапи Претседателката.
Во меѓувреме Градоначалникот на Карпош му одговори на министерот за транспорт за неговата идеја да се донесат специјални закони за Карпош и Центар за да се стави мораториум за градење.
Стевче Јакимовски – Градоначалник на Општина Карпош
„Прво таква работа е неуставна. Не можете вие да кажете за едни општини ќе важат овие закони, а за други општини не. Ако така тргнеме тогаш после ќе почне да се делиме и по етничка основа затоа мислам дека ние имаме работи за кои треба да разговараме во урбанизмот“.
Според власта законските измени ќе ги скратат процедурите за градба на објекти од јавен интерес, како училишта, градинки, болници, амбуланти и катни гаражи во општините, но граѓанските организации се сомневаат дека овие измени ќе доведат до дополнителен урбанистички хаос.
Измените ги поддржа Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), со образложение дека ќе се поедностават постапките за градба на капитални објекти во општините.
Законските измени предложени од министерството за транспорт и врски пратениците ги изгласаа на 13-ти август по скратена постапка без јавна расправа.