Нетанјаху ја поздрави идејата на Трамп за евакуација на Палестинците од Газа
Раселувањето на жителите на Газа нема да биде трајно туку само привремено. Државниот секретар на САД, Марко Рубио ја образложи идеја на Доналд Трамп кој предложи иселување на палестинците од Газа, предлог кој веднаш наиде на осуда од меѓународната заедница.
Според Рубио, американскиот претседател ја покажал подготвеноста на САД да станат одговорни за реконструкција на областа. Идејата била жителите на Газа привремено да ја напуштат територијата додека трае обновата.
„Она што го кажа претседателот Трамп е реалноста. Газа е сериозно оштетена. И така ќе биде во догледна иднина. Она што претседателот трамп го објави е понуда, САД да бидат одговорни за реконструкцијата. Луѓето ќе мора некаде да живеат во меѓувреме. Целиот регион е како да се случила некоја природна катастрофа. Претседателот великодушно понуди да се отстранат урнатините, да се демонтираат бомбите, помош за повторна изградба на домовите за луѓето потоа да можат да се вратат назад. Во меѓувреме тие ќе мора да живеат некаде. Ниту една друга држава досега не понуди никакви опции.“- Марко Рубио државен секретар на САД.
И Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не гледа ништо лошо во идејата на Доналд Трамп за иселување на Палестинците од Појасот Газа, иако предлогот на американскиот претседател веднаш наиде на меѓународна критика. Армијата веќе добила и наредба да подготви план што ќе им овозможи на жителите на Газа доброволно да ја напуштат енклавата.
„Мислам, што има лошо во тоа? Тие можат да заминат, можат да се вратат, можат да се преселат и да се вратат. Но, Газа мора да се обнови..Ова е првата добра идеја што ја слушнав. Тоа е извонредна идеја и мислам дека навистина треба да се постапи, да се проучува, да се делува и да се имплементира, бидејќи мислам дека ќе создаде различна иднина за сите.“ - Бенјамин Нетанјаху премиер на Израел.
За разлика од израелската влада која е воодушевена од предлогот на Трамп, за поранешниот премиер Ехуд Барак, планот е фантазија која има минимална шанса да се исполни. Според Барак, предлогот е обид да се изврши притисок врз арапските лидери.
„Тоа не изгледа како план, што некој сериозно го разгледал. Тоа повеќе личи на провокација или можеби обид да се покаже поддршка за Израел. Сосема е можно умерените арапски држави во регионот да понудат подобар пристап како одговор на половичниот план на Трамп. Ќе треба да се решат клучните прашања, како што се како да се оди напред во Газа, како да се спречи Хамас да владее и како да се осигури дека Израел повеќе нема да биде загрозен.“ - Ехуд Барак поранешен премиер на Израел.
Палестинците пак се решени да не отстапат ниту педа од својата територија. Иако Газа е во урнатини, посакуваат наскоро повторно да ја обноват земјата.
„Ние ќе останеме тука..Ќе останеме во шатори се додека не ја обновиме нашата земја и ќе продолжиме да живееме тука.“ - Дина Харб жител на Газа.
„Условите за живот се многу лоши. Цели населби се срамнети со земја. Но и покрај тоа, сакаме да живееме тука и сакаме да ја обновиме Газа.“ - Ахмед Херзалах жител на Газа.
А додека се кројат планови за иднината на Газа, во позадина течат преговорите за ставање на крај на судирот меѓу Израел и Хамас. Двете страни испратија свои делегации во Катар каде треба да се утврди втората фаза од мировниот договор а според кој, треба да вратени преостанатите живи заложници кои ги киднапираше палестинската организација.

