Нетанјаху го осуди насилството врз навивачите во Амстердам како однапред смислен антисемитски напад

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го осуди како однапред смислен антисемитски напад, синоќешното насилство врз израелските навивачи во Амстердам по натпреварот од Лига Европа меѓу Ајакс и Макаби од Тел Авив.

Во телефонски разговор утринава со неговиот холандски колега Дик Шоф, Нетанјаху рече дека „со најголема сериозност гледа на антисемитскиот напад со предумисла врз израелските граѓани и побарал зголемена безбедност за еврејската заедница во Холандија“, соопшти кабинетот на израелскиот премиер.

Холандскиот премиер Дик Шoф ги осуди антисемитските напади врз Израелците во Амстердам на Х, рече дека е ужаснат и оти тоа што се случи е неприфатливо.

- Во близок контакт сум со сите инволвирани. Нетанјаху инсистираше сторителите на тие дела да бидат пронајдени и кривично гонети, напиша Шоф и рече дека во Амстердам сега е мирно.

Навивачите на Макаби Тел Авив синоќа се судрија со пропалестински демонстранти пред и по натпреварот од Лигата на Европа меѓу нивниот тим и Ајакс пред стадионот на Ајакс во Амстердам.