Несреќата во Kочани ги мобилизира и средношколските и студентските здруженија

Претставници на тетовските студенти и средношколци денеска пред тетовскиот Суд и Јавното обвинителство оставија противпожарен апарат со кој им порачаа на овие институции совесно да си ја вршат работата и да ги најдат виновниците за сите големи трагедии во изминатите години, почнувајќи од последната во Кочани.

Тие ги повикаа средношколците, студентите и граѓаните од Тетово в понеделник да излезат на градскиот плоштад и да го искажат својот револт против корупцијата и неказнивоста на прекршителите на законот.

Сакаме да упатиме една порака до обвинителите и судиите да ја разоткријат вистината, да ги изведат пред правдата и да ги стават зад решетки вистинските виновници и тие што се одговорни за трагедиите во Кочани, каде загинаа 59 млади, пожарот во модуларната болница во Тетово, каде загинаа 14 наши граѓани, несреќата со „Беса транс“ во Бугарија, во која загинаа 45 наши граѓани, несреќата со „Дурмо турс“ во Ласкарци, кога загинаа 16 патници и за многу други трагедии за кои сè уште нема никаква казна. Исто така, пред лицето на правдата треба да се изнесат и судиите и обвинителите кои ја кочеле правдата во овие и многу други случаи“, изјави Бленди Ходаи од „Иницијатива нула“. 

Независното собрание на студентите на УКИМ ги повикува сите студенти на пленум во понеделник во 13 часот на платото на УКИМ. Во повикот се вели: 

„Не ни треба бирократско тело кое работи зад наш грб. Време е студентите да одлучуваат за своите факултети, а не второстепеното бирократизирано тело УСС. Во понеделник, сите на платото - студентската автономија не се моли,туку себрани“ - пишува во соопштението на НСС УКИМ. 

Претходно, Универзитетското студентско собрание (УСС) при УКИМ упати јавно извинување до сите членови на академската заедница во врска со говорите на ректорката на УКИМ, и министерката за образование и наука на собирот пред платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кој беше организиран по повод оддавање почит за 59 загинати во трагедијата во Кочани.