Неповолни демографски трендови во Македонија и пораст на емиграцијата во странство

Актуелните демографски трендови во  Македонија не се поволни. Државата се соочува со негативни демографски движења и тоа се манифестира со пораст на емиграцијата во странство, рече ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза” во Скопје, Изет Зеќири, на Меѓународната конференција за миграцијата насловена „Луѓе во движење, државјанство, идентитет и развој”. 

Според ректорот Зеќири, демографскиот потенцијал на една држава е главниот предуслов за развој и креирање на какви било политики и проектирање на иден економски, политички, образовен, здравствен и друг развој. 

На конференција се обрати и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, која истакна дека преку подобрување на условите за странски работници и поедноставување на законските процедури, државата придонесува во намалувањето на дефицитот на работна сила.

Конференцијата е организирана во партнерство со Универзитетот во Сасари-Италија, Универзитетот во Приштина-Косово, Универзитетот „Свети Апостол Павле” од Охрид и невладината организација „Легис” од Скопје.