„Нема време за работа. Нема време ослободено од работа“ - меѓународна изложба во рамките на АКТО
Меѓународната изложба „Нема време за работа. Нема време ослободено од работа“ на која ќе учествуваат десетина уметници од европската и од балканската уметничка сцена, ќе биде отворена на 3 септември, во „Мала станица“, во рамки на Националната галерија на Македонија.
„Нема време за работа. Нема време ослободено од работа“ е изложбен проект што вклучува уметници од Чешка, Словачка и од земјите од поранешна Југославија, а се одржува во рамките на 19. АКТО – фестивал за современи уметности. Македонската јавност ќе има можност да види дела од: Селма Баниќ, Ленка Ѓоројевиќ и Матеј Ступица, „Хевит колектив“, Лукаш Хофман, Барбора Клајнамплова, Доротеј Нешовски, Данило Прњат, Павла Сцеранкова, Јижи Скала, „Стонителерс“.
Отворањето на изложбата ќе започне во 18:30 часот, со дискусија на колективот „Стонителерс“ од Прага, Чешка и на претставниците на македонската независна уметничка сцена. Тема на дискусијата се моделите на функционирање на здружението „Пул“ од Чешка, во рамките на независната уметничка сцена, обработувајќи ги и практичните аспекти и поттикнувањето на поблиските меѓучовечки односи. Во 20:00 часот е официјалното отворање на изложбата со тура со водич направени од Карина Котова (Здружение „Јиндрих Халупецки“ – кураторски колектив, Прага) и Ивана Васева (Факултет за работи што не се учат – ФРУ/ 19. АКТО – Фестивал за современи уметности, Скопје) и уметници што изложуваат во рамките на изложбата. Следува (20:45 часот) проекција на филмот „Неименувано (Нешто што сакаме да го именуваме, но постојано не успеваме во тоа)“, 2024 (13’) од Јижи Скала, како и перформативна интеракција со делото „Раце преку глава“ од Барбора Клајнхамплова.