Нема веќе државни пари за ЕСМ, компанијата ќе мора да бара пари од банките

Компанијата која стопанисува со државните електрани е на работ на финансиски колапс, а државата одлучи да ја остави ЕСМ да се снаоѓа самостојно - без поддршка од буџетот.

Во период кога потребите за енергеси растат и кога зимата е на прагот, оваа одлука може да значи само едно - ако ЕСМ не успее да обезбеди кредити, земјата ризикува да се соочи со енергетска криза. Според министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, оваа одлука е во насока на фискална дисциплина, а ЕСМ ќе мора да се потпира на своите ресурси и поддршката од банкарскиот сектор.

Енергетскиот сектор е под силен притисок поради високите трошоци за увоз на струја и јаглен за зимата. Од почетокот на годинава, ЕСМ потрошила околу 31,7 милиони евра за набавка на струја, но за да ја помине зимата без дефицити, ќе биде потребен дополнителен увоз. Истовремено, државата чека да пристигнат парите од унгарскиот кредит, наменети за зајакнување на бизнис секторот и општинските проекти.

И додека локалните самоуправи годинава ќе поделат 100 од предвидените 250 милиони евра, бизнис секторот би можел да ги очекува овие пари до крајот на годината. Конечниот тајминг ќе зависи од ефикасноста на сите институции вклучени во процесот, смета министерката, која најави дека кредитите за компаниите ќе се пласираат преку Развојаната банка, но во исто време таа се дистанцира од висината на провизиите, кои компаниите ќе мора да ги плаќаат за кредитите.

Во својат отчет за 100 дена на функцијата, министерката за финансии вели дека унгарскиот кредит е многу поповолна варијанта, отколку задолжување со еврообврзници. Земјава се задолжи со половина милијарда евра од Унгарија, со камата од 3,25 проценти, кои ќе ги враќа 15 години плус три години грејс период.