Нема простор за паника, смируваат епидемиолозите по случајот на шуга во кумановско
Се враќаат ли старите болести? Пораст на заболени од шуга минатата година во споредба со 2023, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје. Во јануари годинава биле регистрирани 28 случаи на шуга од кои 16 во Скопје.
Истите не биле поврзани меѓусебно, што значи болеста не се јавувала во епидемиска форма. Но, минатата година е забележан пораст на лицата заболени од шуга, односно биле евидентирани 493 лица за разлика од 2023 година кога имало 337 заболени. Најголем број заболени минатата година биле регистрирани во Скопје, дури 182, во Куманово 108 и во Гостивар 101 случај.
- Шугата е паразитска инфекција предизвикана од мал паразит кој продира во горниот слој на кожата, каде што се размножува, предизвикувајќи силен осип и неподносливо чешање. Но, таа може да доведе до сериозни компликации како што се бактериски инфекции на кожата, сепса, па дури и заболувања на срцето и бубрезите. Во Македонија, шугата главно се појавува во социјално загрозени групи, како и во институции со повисок ризик за пренос, како што се училишта, домови за стари лица и други колективни средини. - ИЈЗ.
Од Институот за јавно здравје додаваат дека шугата најчесто се јавува во густо населени заедници каде што хигиенските услови се несоодветни, а симптомите може да се јават од четири до шест недели по инфекцијата. Најчесто се манифестираат како силно чешање, кое е најинтензивно ноќе.
- Во почетокот на болеста постојат скудни кожни промени, но, пациентот е заразен за околината. Со развојот на алергијата, се засилува и јадежот. Кај малите деца, осипот може да се јави и на дланките, стапалата и скалпот. Кај лицата со послаб имунитет, особено кај хронично болните и лицата со ХИВ, може да се развие крустозна шуга. Ова е сериозна форма што предизвикува суви, лушпести области на кожата, со илјадници до милиони грини. Оваа форма е високо заразна и бара интензивен третман. - ИЈЗ.
Инаку, Извештајот на Институтот доаѓа откако вчера беше соопштено дека во кумановско Романовце има еден потврден и три сомнителни случаи на заболени од шуга.