Нема продолжување на важноста на пасошите со старото уставно име
Предлогот на опозициската ВМРО ДПМНЕ за продолжувањето на рокот на важење на пасошите издадени со името Република Македонија, а кои имаат важност, не доби зелено светло во Собранието..Со 46 гласа за и 54 против пратениците од владејачкото мнозинство ги надгласаа нивните политички опоненти... Координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ Никола Мицевски од собраниската говорница рече дека поради кризата со патните исправи македонските граѓани правдата ќе ја бараат пред меѓународните судови.
Пратениците на СДСМ, не го поддржат продолжувањето на рокот за пасош до 31 декември, бидејќи сметаат дека е спротивно на Уставот и меѓународните договори.
Во меѓувреме делегацијата на Европската унија во земјава порачува Македонија да продолжи да ги почитува меѓународните договори, а признавањето на пасошите е работа на секоја членка
“Важно е Северна Македонија да продолжи да ги почитува меѓународните договори, вклучувајќи ги и заложбите за замена на патните исправи, содржани во Преспанскиот договор. Потсетуваме дека признавањето на патните исправи издадени од трети земји е во надлежност на секоја земја“
Иако денеска беше одбиен предлогот на опозициската ВМРО ДПМНЕ, владејачкото мнозинство дополнително ќе треба да се произнесе за иницијативата на нивниот коалиционен партнер ЛДП кој излезе со предлог пасошите да важат до истекот на нивниот рок но со печат на Северна Македонија. Промените се предложени по итна постапка, а ќе бидат разгледани на наредната седница.