Нема потврден случај на мајмунски сипаници - суспектниот кичевчанец се уште не е тестиран
Нема мајмунски сипаници мигрантот кој беше во превртениот камион и кој со слични симптоми денеска е хоспитализиран на инфективната клиника. Но, се уште нема резултати за сомнителениот случај во Кичево.
Човекот кој пред два дена се јавил на лекар со симптоми слични на мајмунските сипаници, одбива да се тестира, па лекарите се надеваат дека ќе го убедат. Ако тоа не се случи, постои механизам наречен Здравствен надзор, преку кој пациентот ќе мора да направи тест, велат од Комисијата за заразни болести.
Првиот човек на Комисијата за заразни болести Александар Петличковски вели дека дури и да се појави потврден случај со мајмунски сипаници, нема место за паника, оти болеста не се шири како ковид-19. Доколку се појават симптоми како осип по телото, температура, малаксаност и болки во телото и лимфните јазли, пациентот треба да се јави кај матичен лекар, кој потоа решава дали ќе го препрати кај инфектолог.
Здравствените власти велат дека се подготвени за појавата на мајмунските сипаници. Протокол за нивно згрижување има, а има и доволно тестови за детектирање на овој вирус.