Нема опасност од ширење на конго кримската хеморагична треска во земјава
Нема опасност од ширење на Конго-кримската хеморагична треска, тврдат лекарите, откако 27-годишна жена од штипско пред неколку дена почина од редок вирус кај нас, која ја предузвикува оваа болест, а претходно беше касната од крлеж.
Иако епидемиолозите ги анкетирале сите кои биле во контакт со починатата, простор за паника нема, оти тие не се во изолација, туку таква е процедурата, вели инфектологот д-р Милена Стевановиќ. Според неа, шансите вирусот да се пренесе до човек на човек се многу мали.
Тоа што починатата жена од штипско го извадила крлежот во домашни услови, а на лекар се јавила откако добила симптоми, малку е веројатно дека било пресудно за смртниот исход, велат лекарите. Лек за Конго-кримската хеморагична треска нема, таа се лекува симптоматски, а процентот на смртност е висок.
Вирусот се пренесува на луѓето или по каснување од крлеж или преку контакт со заразена крв или животински ткива за време и непосредно по колењето на животните. Сепак, лекарите апелираат до граѓаните по каснување од крлеж, да не го отстрануваат сами, туку веднаш да се јават на лекар.
Лекарите препорачуват носење долга облека при престој на места каде е можно да има крлежи. Тие најчесто се закачуваат на главата, вратот и пределот зад ушите, во пазувите, препоните и под градите кај жените. Дека смртни случаи од убоди од крлеж кај нас се ретки, покажува и интересот на медиумите од регионот, кои ја пренесоа веста за смртта на жената од штипско.