Нема официјални информации за причините за пожарот во Винчини
Да купуваме производи на “Винчини”, а со тоа да помогнеме побрзо да се обнови фабриката и вработените да се вратат на работа, ова е главната порака што деновиве кружи во јавноста, по големиот пожар во виничката фабрика “Макпрогрес”. Јавна поддршка за фабриката стигна и од првиот човек на општината. Градоначалникот Миле Петков во писмено соопштение изразува цврста поддршка за менаџментот, вработените и целата компанија во овие тешки моменти.
“Најважно е што нема човечки жртви, на повредените им посакуваме побрзо закрепнување, а материјалната штета, иако значајна, верувам дека ќе биде надмината со заеднички сили, упорност и професионалност – квалитети по кои „Винчини“ отсекогаш се истакнувала.
Како локална самоуправа, ќе стоиме на располагање со целосна логистичка и институционална поддршка за што побрзо нормализирање на состојбата и продолжување со работа.“
И бизнисот се обединува за помош на “Макпрогрес”. Во петок, 12-ти септември претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, ќе одржи состанок со ланците маркети, на кој ќе треба да се разговара каква форма на кампања ќе биде реализирана преку малопродажбата, со цел засилена продажба на производите на Макпрогрес-Виница.
“Стимулирањето на зголемената домашна потрошувачка на производите на “Макпрогрес” според проекциите на менџаментот на “Макпрогрес”, а во координација со активностите во Комората може да биде сериозна поддршка за обезбедување опстанок на фабриката, но најбитно и единствен начин за задржување на сите работници на работа во компанијата со што нема да се предизвика негативен ефект врз вработените и нивниот животен стандард.”
Менаџментот на фабриката информираше дека во пожарот, кој избувна во саботата попладне вo целост изгоре еден производен погон со три модерни софистицирани автоматизирани линии заедно со два магацини. Најавија брзо обновување на фабриката, но и дека ќе се обидат да ги задржат сите вработени. Засега нема официјална информација за причините за пожарот, а увидот од страна на Основното јавно обвинителство-Кочани е во тек. Во меѓувреме, сите повредени при гаснењето на пожарот, кои беа хоспитализирани се во стабилна здравствена состојба со полесни повреди.

