Нема нови мерки од владата за зауздување на горивата

Нови мерки за дизелот засега нема. И покрај вчерашната најава на министерката за енергетика Сања Божиновска дека Владата денеска ќе ја разгледува состојбата и можноста за дополнителна интервенција, од Илинденска број 2 нема најава за нов чекор.

Од Владата не одговорија конкретно ниту дали на денешната седница воопшто се разговарало за нови мерки за дизелот. Само потсетуваат дека и натаму важи намалениот ДДВ за горивата од 18 на 10 проценти.

„Владата продолжува внимателно и континуирано да ги следи состојбите на пазарот на нафтени деривати и ќе презема мерки во интерес на граѓаните и економијата.“

А додека се следи состојбата, новата цена веќе ги оптоварува и граѓаните и компаниите. Дизелот од денеска е 104 и пол денари за литар. Бизнисмените побараа меѓу можните мерки да има и ваучери за гориво.

Од ССМ предупредуваат дека поскапиот дизел нема да остане само трошок на бензинските пумпи, туку може да ги повлече нагоре и цените на храната и другите производи. Синдикалецот Иван Пешевски смета дека со ваков раст на трошоците уште поитно станува и барањето за повисока минимална плата.

За само два месеца дизелот поскапе за повеќе од десет денари за литар. Владата досега интервенираше со намалување на акцизата и на ДДВ-то за горивата од 18 на 10 проценти, а претходно беше договорен и попуст со ОКТА, кој во моментов не важи. Божиновска вчера рече дека има простор и за дополнителни мерки доколку цените продолжат да растат. Но, вели дека при секоја нова интервенција мора да се внимава и колкав товар ќе биде таа за државниот буџет.