Нема дополнително одлагање на „Сејф сити“ - системот почнува да функционира од први февруари

Од следниот месец започпнува имплементацијата на „Безбеден град“.Од МВР велат дека  во периодот од 20 јануари до 31 јануари, ќе се врши тестирање, калибрација и верификација на поставените камери за сообраќаен надзор.Граѓаните со кои поразговаравме велат дека идејата е добра и дека само на тој начин може да се допринесе кон намалување на бројот на сообраќајните незгоди особено оние со смртни последици.  

Доктор Александра Пејовска од Брзата помош-Скопје, вели дека системот кој треба да започне со имплементација е добар и дека нивните очекувања се дека ќе имаат многу помалку јавувања и барања за помош особено при сообраќајките со смртен епилог.. Потенцира дека ова е еден од начините како би се подигнала свеста кај возачите кои седнале зад волан и управуваат возило.

Од МВР велат дека во моментов системот „Безбеден град“ функционира на територија на Скопје, Куманово и Тетово. Опремата е поставена веќе и на Коридорите 8 и 10 и во секој момент се очекува да започне детектирањето на сообраќајните прекршоци и таму. Во моментов, како што велат од МВР,  граѓаните добиваат само опомена за сторениот сообраќаен прекршок.

„Системот „Безбеден град“ веќе покажува континуирана тенденција на намалување на регистрираните прекршувања, што укажува на тоа дека граѓаните се прилагодуваат и дека предупредувањата имаат ефект врз подигнување на нивото на сообраќајна дисциплина.Превидено е од 01.02.2026 година системот целосно да функционира и да се започне со санкционирање на граѓаните кои направиле прекршок детектиран од камерите. Во текот на 2026 година предвидено е да започне да функционира на цела територија на државата.“- велат од МВР

Универзитетскиот професор, Никола Дујовски посочува дека целта на системот не е да казнува туку да превенира и да не се случуваат сообраќајки со смртни последици. 

Во меѓувреме експертите со изострена призма ги толкуваат најавените измени во казнената политика поврзана со сообраќајните прекршоци особено во делот за одземање возила при тешки сообраќајни прекршоци и  видеонадзорот во проектот „Безбеден град“. Дел од нив сметаат дека не е уставно да се одземе возило за безобѕирно управување со истото и нагласија дека тоа ќе падне пред ЕСЧП во Стразбур. 

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски претходно информираше дека толеранцијата на камерите од системот „Безбеден град“, односно отстапувањата кои ќе се применуваат при констатирање сообраќаен прекршок ќе бидат идентични како веќе постоечките кои се применуваат кај останатите полициски радари. Од МВР дополнително информираат дека во текот на 2026 година, системот „Бебзеден град“, предвидено е да започне да функционира на цела територија на државата.