Нема докази за шпионажа во кабинетот на претседателката – Обвинителството ја заврши постапката
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ја заврши предистражната постапка за сомневањата за неовластен пристап до компјутерскиот систем во кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и неовластено прибирање податоци. По спроведените проверки и форензички анализи, Обвинителството утврдило дека нема основа за натамошно постапување.
Како што информираат од ОЈО, предметниот јавен обвинител донел резолуција со која оценил дека не постојат доволно докази за извршување на пријавените кривични дела. Во рамки на предистражната постапка, со наредба од Основниот кривичен суд била обезбедена компјутерска опрема, врз која биле извршени детални информатичко-форензички анализи. Дополнително биле анализирани податоци од мобилни уреди и биле прибрани известувања од лица запознаени со настанот.

