Нема договор за повисока минимална плата

Нема договор за минималецот, а синдикатите повеќе нема сами да ја изработуваат потрошувачката кошничка. Ова е епилогот од денешната седница на Економско-социјалниот совет, на која копјата ги вкрстија работниците, работодавачите и Владата.

ССМ не отстапува од барањето за минималец од 450 евра.

Првиот синдикалец Слободан Тредафилов вели дека и работодавачите се согласиле за поголема плата, дури и од онаа која што ССМ ја предлага, но само ако државата помогне во придонесите.

Трендафилов вели дека Владата денеска не ги отфрлила овие предлози. Но, Владанка Трајкоска од Организацијата на работодавачи го тврди спротивното.

Со субвенционирање на придонесите, пензискиот и здравствениот фонд нема да трпат загуби, ако државата тргне во борба против сивата економија, велат синдикалците.

Барањата за покачување на минималецот произлегуваат од синдикалната кошничка која години наназад ја пресметува ССМ. Владанка Трајкоска, која беше воздржана околу тоа дали работодавците се согласуваат со висината на кошничката, најави дека во пресметката отсега ќе учествуваат и потрошувачите, но и државата преку две министерства и заводот за статистика. Ова доаѓа откако премиерот Мицкоски го обвини ССМ за нереални трошоци во кошничката. Одлуки околу зголемување на минималецот се најавени на следната седница на Економско-социјалниот совет.