Нема да има амбасадори со двојно државјанство
Foto

Нема да има амбасадори со двојно државјанство

Нема да има амбасадори со двојно државјанство, пресече шефот на дипломатијата Бујар Османи. Откако опозицијата најави дека ќе го блокира предлог - Законот за надворешни работи, а власта го повлече, денеска министерот Османи, потврди дека само државјани на Македонија ќе можат да бидат избрани за шефови на ДКП и амбасадори.  

Согласно новиот Закон, кој се очекува да го усвои Собранието, 75% од амбасадорите ќе бидат дипломати од кариера, а останатите ќе бидат политички. Ќе се воведе и јасен систем на кариера, со дистинкција меѓу дипломатите и административните службеници. Дипломатите ќе бидат посебна категорија и тие ќе се вработуваат преку мерит-систем, додека пак административно - техничките служби ќе продолжат да се водат согласно одредбите од Законот за административните службеници.

Османи денеска побара да се деблокира работата на Собраниската Комисија за надворешни работи, затоа што втората група на предложени амбасадори чека за спроведување интервју. Во меѓувреме првата група од осум амбасадори веќе е испратена, а за седум позиции допрва ќе се усогласуваат предлозите со шефот на држават и премиерот.

Амбасадорските места за кои допрва ќе дискутира се во Вашингтон, Софија, Анкара и Каиро. Засега не се открива чии имиња се држат во ракав. Османи денеска објави само дека побарал од Владата да се даде зелено светло за отворање на дипломатско-конзуларно претставништво на земјава во Братислава, Словачка.

Македонија е со испразнети амбасадорски места на клучни позиции како што е Софија, а изминатиот период како проблем се наметнуваше и идејата за двојни државјанства. Минатата година претседателот Пендаровски одби да даде согласност на предлозите на МНР за дипломати со двојно државјанство.

0 Коментари

Остави коментари