Нема брзо решение за пасошите, оние што не успејаа да извадат нови пасоши, по 12 ти февруари не можат да излезат од земјата

Пензионери, родители со мали деца со часови чекаат надвор на студ. Ваква е сликата и денеска пред полициската станица Пролет. Рокот за промена на пасошите истекува за десет дена, а првите слободни термини во редовна постапка се наесен, додека пак по брза во април.

Граѓаните револтирани од хаосот кој настана со промената на личните документи.

„Пет години траело тоа зошто уште тогаш не ни ставија РСМ, не малтретираат. Јас имам 63 години и сега морам да стојам, нели е срамота да малтретираат. Пет години имале време... Мојата лична карта трае до 2031 година, а до 2027 пасошот, зошто јас да ги плаќам, од нашиве пензии со 13.000 денари, ние сега даваме по 3.000 денари за документи, нема смисла, навистина претераа  “

„Чекаме цел ден, слушаме луѓе чекаат и од 5 часот изутринава, на крај ќе си ги дадеме парите за брза постапка и тоа е“...

„Едно четири пет часа чекаме од 08.00 сабајле сме тука“...

МВР пак допрва најавува отворање на нов пункт, иако нема конректни информации кога и каде би се отворил. Портпаролот тврди дека во другите градови нема гужви, туку дека проблемот е само во Скопје. Според податоците, досега околу 1.200.000 граѓани веќе ги промениле патните исправи.

„Се преземаат мерки за отворање на дополнителен пункт и за зајакнување на капацитетите на постоечкиот пункт во полициската станица-Пролет. За тоа ќе известиме дополнително кога ќе финишираат сите подготовки и активности затоа што мора да се направат сериозни подготовки, бидејќи сепак е издавање лични документи и мора сите безбедносни аспекти да се опфатат.“ - вели Тони Ангеловски портпарол на МВР.  

На 12-ти февруари истекува петгодишниот рок за промена на личните документи утврден со Преспанскиот договор со Грција од 2018 година, но иако роковите од договорот почнаа со промената на Уставот во 2019 година, институциите не започнаа навреме да издаваат документи со новото име.

Освен личните документи до 12-ти февруари граѓаните ќе треба да ги сменат и регистарските таблички со ознаката „НМК“. Лепенките со новата ознака, како што соопштија денеска од МВР, ќе бидат бесплатни.