Нелегално се ископува песок, државниот инспекторат бара одземање дозволи
Foto

Нелегално се ископува песок, државниот инспекторат бара одземање дозволи

2% од територијата на Македонија е под водена површина. Има 35 реки, а најголем речен слив е вардарскиот со површина од над 20 илјади километри квадратни. Ова е реката Вардар во близина на Градско...од малку поинаква перспектива.

Трката за поголем профит оставила зад себе огромно мучуриште. Овие застрашувачки дупки ги проголтале плодните градинарски насади и го вклучуваат алармот за можни поплави. 

На ниво на цела држава, песок или чакал во близина на реките се вади на триесестина локации. Колку се легални а колку диви тешко се разликува на терен.  Легално биле регистрирани 45концесии. Половина од нив биле одземени или престанале да важат, велат од министерството за економија.

А.Д. „Водостопанство“ кои се надлежни да контролираат колку песок од сепарациите се изнесува и како тече процесот, признаваат дека има пропусти. Но, не прифаќаат дека тоа се случува во нивното работно време.   

- За жал злоупотреби се случуваат по завршување на работното време,кога нема надзор од наша страна и тогаш бараме помош од МВР. - велат од Водостопанство.

Дивите експлататори се енигма, тешко влегуваат во евиденција. Ги нема ниту во таа на полицијата, за цела година лани. Песок се вади од секој агол, а полицијата минатата година тоа не го видела ниту санкционирала.

- Во текот на 2020 година немаме регистрирано пријави за сторено кривично дело “незаконска експлоатација на минералните суровини по член 255-а од КЗ”. - велат од МВР.

За разлика од ланската година на “корона-пандемијата” во 2019-та имало кривиични пријави за петмина поради “незаконита експлоатација на минерални суровини”.

Не само што се црпи песок без мера и се остава пустош откако секој ќе си заврши работа, дозволи за вадење песок се давани и на помалку од 50 метри од речното корито. Како што  овој случај. На хартија ова се вика „уредување на речно корито“ но на терен, уште една неправилност која влегува во записникот на водостопанствената инспекторка Лидија Зафировска.

Во овој бизнис нема милост кон животната средина, а нема ниту еден пример дека е сработено “по закон”. Загрижува податокот дека од една страна државниот инспекторат бара да се одземат сите дозволи за оние кои црпат песок од реките, а од друга страна бројот на нелегални копачи се зголемува. На секој чекор багери, механизација и деградирани речни корита.

- Имајќи предвид дека дозволите се издаваат без претходно да се изработат оперативни планови за заштита и одбрана од поплави, ДИЖС побара активните дозволи да бидат одземени до изработка на програмите. Засега не е одземена ниедна дозвола за регулација на речно корито. - велат од Државен инспекторат.

Државниот инспекторат за животна средина проверува 28 истечени и 21 активна дозвола. (инсертирано со активни дозволи на мапата со реките) За првите се утврдува висината на надоместокот, за вторите се прави надзор. Министерството за животна средина утврдило околу 18 дозволи од кои на пет им истекува рокот за три месеци. Бројките варираат, но штетите остануваат. Од дивиот ископ на песок годишно се вртат околу десетици милиони евра, проценува претседателот на македонската асоцијација на рудари Николајчо Николов. 

- Имаме општа кражба на минералните добра, не успева државата и инспекторите да се справат со тоа од друга страна тие ископани материјали за градежништвото се со неконтролиран хмиски состав иако по закон за градежништво се бара потекло, но тоа се поминува поради пониската цена, на крај епилогот е огромен. - вели Николајчо Николов.

Решението на овој проблем е повеќеслојно. Да се почне со ревизија на сите закони кои ги уредуваат овие теми, а институциите да се разбудат и да казнуваат. 

Речните корита се деградираат, градежниот бизнис цвета, висококатници се градат на секој ќош. Порано, кубик песок излезе од сепарациите чинел околу 1600 денари, но поради големата конкуренција и неконтролираното вадење на песок од река, цената се движи околу 600 денари, велат упатените.   И тие суми се примамливи, се додека никој не биде казнет.

„Со овој прилог, ТВ 24 се приклучува кон кампањата „Разбистри се`“, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од Британската амбасада во Скопје.“

0 Коментари

Остави коментари