Неколку часа пред трагедијата полицијата добила пријава за семејно насилство

Два часа пред да се случи трагедијата во скопски Карпош во која по пад од висококатница загинаа мајка и нејзината малолетна ќерка -  полицијата добила пријава за семејно насилство.

Од МВР велат дека полицајци извршиле разговор, но жената им кажала дека станува збор за недоразбирање. Пријави за семејно насилство имало и претходно, но таа во сите случаи се повлекувала од понатамошна постапка. 

Министерството за внатрешни работи допрва ќе испитува дали  повлекувањето на изјавите било под присила. Министерот Тошковски најави дека ќе се истражува и постапувањето на полицијата. 

Панче Тошковски- Министер за внатрешни работи

„Полицијата постапувала и за многу голем број од она што сум информиран дејствијата која што ги преземала имаме повратно од жртвата дека немало физички контакт, насилство итн, дозволете ми јас не тврдам дека полицијата постапила совршено во изминатиов период додека траело сето ова што се случувало претходно, но истрагата ќе ја спроведеме максимално во детали и ќе утврдиме се што е од значење за истата“... 

Таткото и сопругот на сега починатите, Стојанче Јовановски е во полициска станица, а од МВР најавија дека ќе му поднесат кривични пријави за наведување на самоубиство, нанесување на тешки телесни повреди и за загрозување на сигурноста. 

Освен тоа против Јовановски во изминативе две години биле поднесени и неколку кривични пријави за трговија со дрога и други кривични дела, за што бил под мерки на претпазливост.

Панче Тошковски- Министер за внатрешни работи

„По усна наредба од јавниот обвинител лицето Стојанче Јовановски е лишен од слобода, се наоѓа во полициска станица и против него ќе поднесена соодветна кривична пријава по брза постапка“... 

Во меѓувреме по наредба на обвинителството се вршат распити на повеќе лица, се врши екстракција на податоци од мобилни телефони, а се обезбедуваат и снимки од видео надзор од неколку локации. Покрај тоа, обвинителството ќе истражува и институционални пропусти во постапувањето. 

ЈОРСМ 

- Во однос на претходното постапување, јавниот обвинител побара детално известување од МВР и од Центарот за социјални работи со сите евентуални претходни пријави и поплаки од оштетената, а ќе нареди и внатрешната контрола на МВР да го испита постапувањето по тие пријави. 

Вонреден надзор се прави и во Центарот за социјални работи Скопје каде имало пријави за физички напад врз жената... 

Министерството за труд и социјала соопшти дека контролата е во тек и најавува дека нема да се дозволи институционалните слабости да останат неадресирани.