НЕИЗВЕСНО ЗА ДАТУМОТ ДО САМИОТ КРАЈ И ЛИДЕРСКАТА СРЕДБА ВО ЛУКСЕМБУРГ
Foto

НЕИЗВЕСНО ЗА ДАТУМОТ ДО САМИОТ КРАЈ И ЛИДЕРСКАТА СРЕДБА ВО ЛУКСЕМБУРГ

Советот на ЕУ за општи работи на ниво на министри за надворешни работи во Луксембург денеска на дневен ред во две сесии го има потенцијалното почнување на преговорите за пристапување во ЕУ на Северна Македонија и Албанија. По првата рунда разговори меѓу земјите членки, финското претседателство на маса официјално го ставило раздвојувањето на преговарачкиот процес на двете земји. Француски дипломатски извори велат дека Париз нема намера да го да го прифати ваквиот предлог. Шефовите на дипломатиите на првата рунда разговори ги презентирале нивните ставови, без промена во однос на претходните денови. Париз цврсто се спротивставува на почеток за преговори со која било земја, додека неколку земји членки имаат „поголем проблем со Албанија“, отколку со земјава. Според некои извори, имало разлики меѓу холандскиот министер за надворешни работи Стеф Блок и премиерот на Холандија, Марк Руте, едниот бил за одвојување, другиот не. Денеска не сум тука со позиција да бранам вето. Ќе разговараме за две димензии – отварање на преговори од страна на една подготвена Европа и реформа на процесот на преговорање, изјави францускиот државен секретар за европски прашања Амели де Моншалан пред состанокот.

- „Тоа е долг и фрустрирачки процес за земјата која преговара и не создава доверба. Затоа ова е одлична шанса да разговараме како Европа може да ја реформира целокупната постапка за преговарање и пристапување. Станува збор за самиот процес кој мора да биде ефикасен и самите преговори да имаат структура. Франција смета дека Европа треба се реформира. Сите земји од Балканот имаат европска перспектива и тука нема двојби, но треба да изнајдеме кредибилни начини со цел да се создаде доверба и во регионот и во Европа. Граѓаните се тие кои не се задоволни“. Амели де Моншалан – државна секретарка за европски прашања на Франција.

Дел од министрите пред состанокот во Луксембург ги повторија своите позиии за поддршка на почеток на преговорите. Државниот министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи, Михаел Рот изјави дека позицијата на Берлин е кристално јасна, односно дека поддржуваат почеток на преговори со Скопје и Тирана.

- „Оваа наша позиција е врз основа на гласањето на германскиот Бундестаг. Европската унија презеде обврски за мир, стабилност, демократија и помирување на Западен Балкан, а тоа значи дека мора да си ги исполнува своите ветувања“. - Министер за надворешни работи на Германија.

Министерот за надворешни работи на Холандија, Стеф Блок, ја повтори позицијата на неговата земја дека Северна Македонија е поподготвена од Албанија за почеток на преговорите со ЕУ.

- „Двете земји направија големи напори. Во однос на Северна Македонија мислиме дека треба да биде преземен уште еден важен чекор, а тоа е законот за јавно обвинителство. Ако тој услов биде исполнет мислиме дека пристапните преговори треба да почнат. Во однос на Албанија, пак, мислиме дека треба да заврши уште многу работа и оти се уште не е подготвена за почеток на преговори“. - Стеф Блок – Министер за надворешни работи на Холандија.

Финската министерка за европски прашања, Тити Тупураинен рече дека Европа има обврски кон Западен Балкан.

- „Проширувањето е на агендата и ние како претседателство сме целосно посветени на процесот и денеска очекуваме сигнал до Западен Балкан, за она што Европа ќе го стори во однос на Северна Македонија и Албанија. Европа има обврски и мораме да одговориме на регионот на Западен Балкан“. - Тити Тупураинен – министерка за надворешни работи на Финска.

Франција стои на ставот против тоа на денешниот состанок да се донесат одлуки за преговорите. Париз бара пред да се отвораат преговори со идните членки, да се усвои новата методологија која ќе се однесува за сите земји кандидати за ЕУ, пристапниот процес да биде поскалест и реверзибилен, а ако земјата назадува во преговорите повторно да се врати на поглавјето во кое не е забележан очекуваниот напредок. За еврокомесарот Јоханес Хан, ЕУ ризикува да го загуби влијанието на Западен Балкан доколку не упати јасен сигнал за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.

0 Коментари

Остави коментари