Неизвесна доградбата на штипскиот клинички центар, Мицкоски вели парите биле „изедени“
Големата капитална инвестиција во македонското здравство на истокот ќе чека подобри времиња. Изградбата на најсовремената нова Клиничка болница е заглавена во лавиринти, бидејќи парите се украдени, потенцираше од Штип, премиерот Мицкоски и прстот го впери во претходната влада.
Тој тврди дека се работи на медицинско-техничко-економски модел којшто е во фаза на развој и очекува до крајот на оваа година сето тоа да биде завршено, за веќе од почетокот на следната да се продолжи со градење на болницата.
Дека и оваа година нема да се продолжи со доизградбата на Клиничката болница во Штип и Општата болница во Кичево, потврди и министерот за здравство, Таравари при вчерашната посета на болницата во Штип. Тендерите сè уште не се распишани, но ресорниот министер изјави дека се работи на случајот и како што кажа, приоритет се штипската, кичевската и тетовската болница.
И додека да се одглави процесот, и после осум години откако беше поставен камен темелникот, жителите од источниот регион сè уште чекаат нова, современа болница по европски стандарди, но како што коментираат, повеќе и не веруваат дека во истата некогаш ќе можат да се лекуваат, бидејќи како што велат, секоја година политичките претставници ветуваат дека ќе ги довршат долгоочекуваните болници, но од сето тоа остануваат само ветувањата.