Недостиг на медицински персонал во штипската болница

20 доктори и 16 медицински сестри за две и пол години ја напуштиле штипската клиничка болница. Од 540, колку што изнесуваше вкупниот број на вработени во болницата во изминатиот период, сега таа бројка е намалена на 470. 

Но, освен штипската во слична состојба се и останатите болници во државата кои се соочуваат со недостиг на персонал. Претседателката на здружението на приватни лекари, Лилија Чолакова Дервишова, во изјава за ТВ 24 потврдува дека недостасуваат гинеколози, интернисти, педијатри, а најмногу анестезиолози. Останува ли Македонија без медицински персонал? 

Инаку, наскоро во Штип ќе биде отворена нова специјализирана приватна болница, па веќе се шпекулира дека доста медицински кадар ќе замине од Клиничката болница. Директорот Ален Георгијев претпоставува дека ќе има одлив на доктори и сестри од повеќе оддели и во тој случај ќе се појави ургентна потреба од прием на нов кадар. За нов прием на вработени, пак, се чека одобрение од Министерството за здравство и Финансии.