Недоговорениот минималец доведе до протести

Сојузот на синдикатите на Македонија ја враќа моќта на немоќните, го разбива фундаменталниот проблем кој што не сакаат да го разберат и прифатат сопствениците на капиталот смета поранешниот гувернер, Петар Гошев.

Тој додава дека капиталот постојано се зголемува а додека работниците не го добиваат тоа што им следува за да се постигне социјален мир и рамнотеша во општеството. 

„Се помало е учеството на работниците во распределбата на општествениот производ, на доходот. Таа ситуација не може да трае бесконечно, затоашто на тој начин неможе да се обезбеди социјален мир и социјална рамнотежа во општеството. Ме радува што сега, ако е ова некаков знак на будење на синдикатите, ако е тоа знак на враќање на преговарачката позиција на претставниците на вработените , односно ако е тоа некаков знак на враќање на моќта на немоќните. Според тоа мислам дека барањата на синдикатите имаат повеќе од доволно аргументи за тоа и треба да дојде до договор помежу синдикатите, владата и работодавачите.“ - вели, поранешниот гувернер, Петар Гошев. 

За поранешниот министер за финансии, Трајко Славески, се неприфатливи барањата на Сојузот на синдикати на Македонија да има покачување на минималецот на 18.000 денари. За Славески прифатливи се барањата на сопствениците на капиталот –работодавачите, да се промени методологијата за пресметка на минималецот, односно поголема тежина да има порастот на цените во усогласувањето на минималната плата. 

„Во спротивно ова што го бара Синдикатот е, како да кажам, се коси со целокупната практика во Европа и во светот. Минималната плата не може да с еоднесува на преку 20 проценти од вработените тоа прво, не може да биде 60 проценти од просечната кога Европската унија која изрично наложува максимум да биде 50 проценти затоашто тоа ќе придонесе или би придонело или најголем дел од компаниите во Република Македонија да затворат или пак остатокот од компаниите којшто се подобри да ја доживеат судбината на БЕГ Топлификација, односно да станат полека државни фирми а тоа значи враќање назад.“ - вели поранешниот министер за финансии, Трајко Славески. 

На вчерашната средба на Економско-социјалниот совет во Влада не падна договор за покачување на минималецот, вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи вчера  не даде зелено светло на барањата на работниците за зголемување на минималецот на 18.000 денари, рече дека  утре дополнително ќе се договараат.

Работодавачите побараа промена на формулата за пресметка на минималецот, додека пак првиот човек на синдикалците револтиран не отспаува од барањето работниците да го добијат заслуженото, минималец од 18.000 денари.