Небиу за ТВ 24: Се закануваат на погрешна адреса и не им се плашам

За мали и невредни конфискувани предмети претходните раководства на Агенција за управување со одземен имот веднаш постапувале и ги продавале, но тоа не било случај со вредниот имот.

Првиот човек на оваа агенција Дритон Небиу со скандалозни откритија. Во синоќешното издание на Анализа на ТВ 24, тој меѓу редови призна дека заканите со кои се соочуваат тој и вработените во Агенцијата биле за становите на Сашо Мијалков. Биле усни и доаѓале најчесто од адвокати, а биле упатени и кон потенцијални купци, да не го купуваат запленетиот имот на Мијалков, но и на Никола Груевски.

Меѓу заплентиот имот на екс шефот на УБК Мијалков се 23 станови, апартмани, гаражи, акции, градежно земјиште и кеш, вредни фантастични 21 ипол милиони евра. На неговиот братучед, поранешниот премиер Никола Груевски му се запленети три огромни апартмани, кои заедно со другиот запленет имот се проценети на околу два милиони евра. Ниту Боки 13 не заостанува многу. Запленетиот имот на поранешниот шоумен е проценет на шестоцифрена сума.

Небиу откри дека околу 6000 возила стојат на плацовите на Агенцијата, а голем дел од нив скапуваат со години без да бидат продадени или доделени на државни институции. Ги обвини поранешните раководстав на Агенцијата за неизвршување на својата работа, а за заканите кои на прес конференција ги објави минатата недела, чека повик од обвинителството.