Небиу демантира дека биле проневерени толку пари за колку пари зборува ревизијата во последниот извештај
Помалку уплатени пари во државниот буџет, сомнителни трошоци, нефункционален систем и недоволно квалификуван кадар - ова се само дел од сериозните забелешки на работата на Агенцијата за управување со одземен имот кои ги утврдиле државните ревизори.
Според нив, од близу 27 милиони евра приход од продажба на конфискуван имот, во претходните 13 години во буџетот се уплатени само 19,5 милиони евра. Останатите 7,5 милиони ги нема.
„Анализата на остварените приходи од продажба на одземен имот и уплатените средства во Буџетот на државата реализирани од Агенцијата во период од 2011 до 30 септември 2024 година упатуваат дека од остварените вкупни приходи во износ од 1,650 милијарди денари, во Буџетот на државата уплатени се 1,205 милијарди денари, односно уплатени се 445 милиони денари помалку.“
Ревизијата открива и дека дел од магацинските простории на Агенцијата 14 години се користат без одлука од Владата. Одземени предмети не се попишуваат, не се знае каде се, не се знае ни колку вредат. На крајот од 2023 година, во царинските испостави се чувале 46 моторни возила, а во МВР дури 689. Сите без проценета вредност.
„Складирањето не овозможува заштита од оштетување или губење вредност. Дел од системите за продажба и лицитација се нефункционални, а веб-страницата често не е достапна дури и за време на јавно наддавање.“
Поранешниот директор на Агенцијата, Дритон Небиу, кој ја водеше институцијата од март 2023 до август 2024, тврди дека додека тој бил на функција, немало никакви неправилности и дека тој лично ја побарал ревизијата.
Неговиот претходник, Фатон Асани, кој беше именуван во 2017 година, се вратил да живее во Италија. ТВ 24 се обиде да стапи во контакт со него, но безуспешно.
Ревизијата утврдила сериозен недостиг од квалификуван кадар - од предвидени 47 административци, само 6 се со високо образование, а ИТ секторот го покрива надворешен соработник. Нема документација за исплата на плати, прекувремена работа и дел од трошоците, а над еден милион денари се потрошени без соодветна финансиска контрола. Ревизорите препорачуваат итни реформи, вработување стручен кадар и јасни правила за управување со државниот имот.