Не стивнуваат реакциите за одолговлекувањето на набавката на лекот за болните од цистична фиброза

Ден по смрта на Благојче Илиевски, и откако догорија свеќите пред Влада, премиерот Димитар Ковачевски и институциите кои ги предводи се разбудија и прстот за одговорност за смрта на пациентот Благојчо го впери во бирократијата од која е и самиот дел. Јавноста гневна на ревносните изјави на премиерот.

Од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари велат дека одговорност имаат сите без разлика на функцијата, сметаат дека е неприфатливо смртта на Благојче Илиевски да се користи за политички пресметки. Коментираат дека е неприфатливо во 21 век имајќи решение да губиме човечки животи со изговор дека одговорноста е во бирократијата. 

„Реално е глупаво да слушаме изјава од страна на премиер дека бирократијата е виновна заради тоа што ако гледаме така реално бирократијата и политиката во една држава ја креира токму тој, односно токму таа институција која што тој ја претставува. Нашиот став за таквите прашања секогаш бил и ќе остане ригорозен заради тпоа што сепак работиме на сметка на здравјето на пациентите, во овој случај на пациентите со цистична фиброза. И доколку говориме за лекот кој што треба да с енабави и за таа терапија која што сега е се повеќе фамозна и ја презентираат во јавноста апсолутно е неприфатливо да говориме дека станува збор за бирократска грешка или за нешто што во ситуацијава личи на некаква политичка игра тоа и де факто вчера го видовме  на телевизија го видовме и на социјалните медиуми. Нашиот став секогаш бил и ќе остане дека секогаш треба да бидеме на страната на пациентите односно на здравјето на пациентите во овој случај пациентите со цистична фиброза.“ - велат од Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари. 

Ако било до бирократијата тоа требало да се промени, алармиравме многу одамна но ништо не се смени, Благојчо почина па се изнајде решение велат од Асоцијацијата на пациенти со цистична фиброза. 

„Она што нас како Асоцијација ни беше многу важно да не дојде до тоа да ниеден живот да биде загубен од тоа штоп медиумите постојано пренесувавте сфативме дека само вие всушност не разбравте за итноста на нашиот проблем, иако ние изгледаме здраво ние не сме здрави, нашите органи навистина не знам колку долго можат да издржат без современа терапија и тоа е нешто што постојано го зборуваме. Се надевам дека ќе се изнајдат решенија, тажно е што дури и покрај тоа што се најде решение за најкритичните не можеме со цело срце искрено да се израдуваме, иако ќе се спасат други пациенти, животот на Благојчо е неповратно загубен.“ - велат од Асоцијацијата на пациенти со цистична фиброза. 

Вчера, премиерот Димитар Ковачевски рече дека веста силно го погодила, и од спиење станал најрано во последните 23 години. Дознал и дека има и други пациенти во тешка состојба и за смртта на Благојче рече дека одговорноста е во бирократијатаи и кај министерот за здравство Беким Сали кој пак му возврати дека премиерот предолго се грижел за тоа со кого ќе коалицира. Сали потенцираше дека од Влада побарал одобрување на финансиски средства но дека одговор не добил. 

Го прашавме Сали дали постои некаков допис до Влада со кој тој бара да се одобрат финансиски средства. 

„Има информација до Влада за состојбата и колку финаниски средства се потребни“ - вели министерот за здравство, Беким Сали.  

ТВ 24 побара одговор од Фондот за здравство зошто се чекале да умре Благојче за да се најдат пари за лекот трикафта, од Фондот молк. А молчат и од Влада поради кои причини не одобриле навремено средства за пациентите со цистична фиброза. Прашавме и дали требаше Благојче да почини за да понудат решение кое пак не се однесува на сите пациенти туку само на најкритилните. 

И додека продолжуваат препукувањата, и додека одговорност за луѓето кои умираат поради нефункционалниот систем не презема, едно е сигурно дека Благојчо Илиевски згасна како свеќите пред влада кои вчера ги запалија неговите соборци.