(Не)селективна истрага за Кочани

Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски и обвинителскиот тим на средба со родителите на жртвите од пожарот во кочанската дискотека „Пулс“.

Обвинителството врши распити и вештачења од кои најголем дел од прелиминарните резултати се најавуваат за следните неколку дена. Во истрагата се ангажирани максимални капацитети од сите истражни органи и десетици стручни лица од различни области.

- Одговарајќи на сите прашања поставени прашања и дилеми на блиските на починатите, обвинителите ги уверија дека истрагата е сеопфатна и се земаат предвид сите аспекти на евентуална одговорност за трагичниот настан. На семејствата им беше најавена и динамиката на претстојни распити на оштетените како следна фаза од истражниот процес. - Основно јавно обвинителство Скопје.

Апелираат, во насока на прибирање на сите докази кои можат да помогнат во истрагата за целосно испитување на настанот, преку отворениот повик кој е објавен на официјаната веб страна на Јавното обвинителство (https://jorm.gov.mk/otvoren-povik-za-istragata-za-pozharot-vo-kochani/), сите кои што имаат лични сведоштва за несреќата, информации и докази во однос на работата на клубот „Пулс” и поврзаните фирми, како и сознанија во врска со работата на надлежните институциите.

Додека Обвинителството презема активности, штипска Апелација заврши осум предмети по жалба на решенија за притвор, од нив седум жалби се одбиени како неосновани, а една е уважена и мерката притвор е заменета со мерка куќен притвор и определени мерки на претпазливост. Една од одбиените жалби е жалбата на екс министерот за економија Крешник Бектеши.

- Апелациониот суд во Штип во интерес на јавноста и медиумите информира дека во судот се оформени и завршени следните предмети по жалба на решенијата за притвор, во врска со пожарот во дискотеката Пулс - Кочани и тоа:

1. Ксж-61/25 - жалбата на К.Б е одбиена како неоснована, а првостепеното решение на Основен суд Кочани Кс-57/25, со кое е продолжена определената мерката притвор е потврдено. - Апелационен суд Штип.

Според адвокатот на Крешник Бектеши, Еленко Миланов нема еднаквост на лицата во оваа постапка.

„Решението како решение за да го прочитам не сум го видел, но во секој случај очигледно е дека судот е премногу преплашен да одлучи надвор од барање и мислење од Обвинителството. Нема причина господинот Крешник Бектеши и дел од другите обвинети кои се во притвор остануваат во притвор кога веќе имаме состојба дека голем број на лица се во куќен притвор или мерки на претпазливост-не ја гледам еднаквоста на граѓаните во оваа постапка.“ - Еленко Миланов адвокат на Крешник Бектеши.

Претходно, мерката куќен притвор е заменета со мерки на претпазливост за поранешните директори на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски и Анета Симеска Димоска, како и поранешните градоначалници на Кочани, Љупчо Папазов, Ратко Димитриевски и Николчо Илиев. Над 50 лица се осомничени за пожарот во дискотеката, а меѓу нив и полициски службеници, истрага која ја води обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.