Не се смируваат реакциите со инцидентот на претседателката на Косово на скопскиот аеродром
Косово испрати протестна нота до Македонија за случајот со косовската Претседателка - Вјоса Османи на скопскиот аеродром.
Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово чека итно и целосно објаснување во врска со инцидентот, во кој како што оценуваат - Претседателката била соочена со несоодветен и незаконски третман од страна на аеродромското обезбедување.
- Министерката Доника Грвала достави протестна нота до властите во Северна Македонија, барајќи итно и целосно објаснување за овој инцидент. Истовремено, побарано е македонските власти да преземат итни мерки за расветлување на случајот и да се погрижат вакви настани во иднина да не се повторуваат. - велат од Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово.
Македонските власти пак ќе ги чекаат резултатите од истрагата за инцидентот па потоа ќе одговорат на реакцијата на Косово. Од македонското МНР изразија жалење за недоразбирањата што настанале и велат дека веќе се побарани информации од сите надлежни институции.
- Откако ќе биде направена соодветна анализа на прибраните податоци во непосредна соработка со Министерството за внатрешни работи, ќе бидат преземени сите потребни активности и мерки, а со основна цел во иднина да се избегнат вакви или слични појави и ситуации. - велат од МНР.
Министерство за внатрешни работи пак се уште нема информации што е утврдено од внатрешната контрола која ја спроведува. Во меѓувреме случајот и денеска останува главна тема кај политичките партии во земјава.
Од СДСМ бараат итно расветлување на случајот.
- МВР мора да информира каква била улогата на лица од обезбедувањето на Претседателот на Собранието Африм Гаши и согласно законите да поведе постапки против оние кои ги прекршиле овласувањата. - велат од СДСМ.
ДУИ пак со критики до коалицијата Вреди дека се обидуваат да го минимизираат како што велат дипломатскиот скандал.
- Овој скандал мора да се расчисти до крај и веднаш да сносат политичка одговорност нелегитимните узурпатори на институциите, Астрит Исени од МВР и Африм Гаши од Собранието. - велат од ДУИ.
Од Влен пак одговорија дека ДУИ манипулира со јавноста.
- Косовските власти јасно и недвосмислено изразија сомневање дека инцидентот е намерно испровоциран со цел влошување на билатералните односи со Косово. - велат од ВЛЕН.
Реакциите следуваат откако на косовската претседателка Вјоса Османи која требало да лета од Скопје за Љубљана, од страна на аеродромското обезбедување и бил побаран телефонот за безбедносни проверки.
Според косовските власти ова е спротивно на правилата за постапување со шефовите на држави според дипломатските практики. Дополнително тврдат дека македонската страна претходно била официјално известена за патувањето на претседателката.
Од скопскиот аеродром пак излегоа со став дека сите патници на комерцијални летови подлежат на задолжителни проверки и дека обезбедувањето постапило согласно Националната програма за безбедност на цивилното воздухопловство.
Она што дополнително предизвика реакции е што во случајот, како што соопшти македонското МВР се вмешало и лице од обезбедувањето на собранискиот спикер Африм Гаши, кое заедно со уште двајца полицајци отишол на аеродромот и се заканувал на вработените, притоа туркајќи го полицаецот вработен на граничниот премин.
Дали станува збор за дипломатски скандал или пак злоупотреба на државните институции – одговори треба да дадат МВР и обвинителството кои веќе работат на расчистување на овој случај.