Не се менува цената на парното

Цената на парното греење во Скопје засега нема да претрпи промени. Бирото за процена кое имаше за задача да направи анализа на основните средства за производство на топлинска енергија, но засега таа не е готова, и Регулаторната комисија за енергетика не може да формира нова цена бидејќи и недостасуваат битни информации по кои се одлучува колку треба месечно да плаќаат скопјани за парно греење.

Според правилата регулаторот новата цена на парното греење во главниот град ја објавува на крајот на месец јули. Дека се прави ваквата анализа Бислимовски најави пред еден месец во гостување на Телевизија 24. Сега тој од Бирото за процена  очекува податоците да ги добие најдоцна до октомври и потоа да донесе одлука која ќе покаже дали корисниците на системот за топлинска енергија ќе плаќаат помалку, повеќе или исто како до сега. 

Марко Бислимовски претседател на РКЕ

„Со цел овозможување еднаков третман на сите потрошувачи на топлинска енергија на територијата на град Скопје, РКЕ донесе одлуки со кои цените и цените за потрошувачите на ЕСМ Енергетика и за потрошувачите на Скопје Север   да продолжат да важат истите тарифи, односно сметките за парно не се менуваат сè до нова одлука. Во оној момент кога ќе ги добиеме податоците, односно процената на основните средства РКЕ ќе пристапи кон носење на одлуки и за топлинска енергија за сите претпријатија кои вршат регулирани дејности поврзани со топлинската енергија во Градот Скопје.“

Во Скопје има околу 55 илјади корисници на парно греење. Според информациите, континуирано расте интересот за враќање на претходно исклучените корисници од системот. Последната промена на цената на парното греење се случи во февруари годинава кога цената се зголеми за нешто над пет отсто од тоа што претходно плаќале граѓаните.

Во последното гостување на Марко Бислимовски во тв 24 тој рече дека дел од компаниите од овој сектор бараат дури 50 отсто зголемување на цената на парното, но посочи дека ќе ги признае само реалните трошоци. Бислимовски  уверуваше дека нов ценовен шок нема да дозволи да се случи.