Не само што нема да имаме добивка и гас од “Александропулис“ - туку ќе бидеме во загуба - тврди ЕСМ
Терминалот за течен гас Александропулис проработе, но земјава ќе почека за да го користи. Од новото раководство на Државната ЕСМ објавија дека претходното раководство има закупено половичен капацитет на гас за до крајот на годинава, но нема како да го донесе до корисниците.
Информациите кои ги објави ЕСМ велат дека интерконективната точка Ќустендил – Жидилово не била закупена за оваа година, а тоа е единственото место од каде земјава се снабдува со природен гас. Тоа државата ќе ја чини три милиони евра.
„Како покровител на потпишаните меморандуми за терминалот и за гасната електрана Александрополис, претходната Влада влегла без претходна стратегија и разработен бизнис план. Единствената интерконективна точка од која може да се донесе природен гас во земјава Ќустендил-Жидилово, Бугарија, е со ограничен расположлив капацитет од околу 5,1 гигават час дневно, и притоа е изложен на огромна конкуренција. Од друга страна, интерконекторот Грција-Македонија сè уште не е изграден, како ни дистрибутивната мрежа во границите на Македонија. - ЕСМ.
И покрај неколкуте најави дека Македонија ќе има удел во сопствеништвото во оваа гасна централа, од ЕСМ велат дека од тоа засега нема ништо.
„Моменталниот статус на проектот се дека НОМАГАС се уште нема стекнато 10% учество во сопственоста во терминалот „Александрополос“ ниту пак АД ЕСМ има сопственост од 25 % во тамошната гасна централа.“ - ЕСМ.
Телевизија 24 побара став и објаснување од дел од поранешното раководство на ЕСМ и на НОМАГАС, начелно сите кои денеска ги добивме ни ги потврдија овие информации, но никој не сакаше да коментира јавно на камера. Првичните информации кои беа пренесувани од претходната власт во 2021 година беа дека Македонија официјално стана дел од проектот за изградба на терминалот за течен природен гас, а беа и потпишани меморандуми за соработка на ЕСМ и Национални енергетски ресурси со компании од Грција.
Првичниот план беше земјава да инвестира 25 отсто од вредноста на гасната централа во Александрополис од 800 мегавати, која треба да чини околу 400 милиони евра. Пресметката вели дека државава требаше да влезе со околу 100 милиони евра за да поседува една четвртина од централата. Засега нема ништо од тоа.