Не работи фабриката „Пејпар мил“, граѓанските активисти се задоволни од тоа што фабриката не загадува

Два дена не чади оџакот на „Пејпар мил“. Фабриката не работи. Тоа го констатирале и инспекторите за животна средина кои дојдоа во контрола откако пред две недели издадоа забрана во производството да се користи котелот на пелети.

Може да се користи само тој на метан, но тоа не било случај бидејќи според инспекторите тој престанал да работи пред два дена, иако според Решението на инспекторатот тоа требало да почне од 10-ти јуни. 

„Правното  лице при контролниот инспекциски надзор   НЕ  РАБОТЕШЕ,  котелот кој користи пелети како енергенс е сопрен со функционирање на  работење  на  26.06.2022 во 00:00 часот“ вели Државниот инспекторат за животна средина. 

Граѓанските активисти се задоволни од тоа што фабриката не загадува, велат дека ако сакаат да продолжат со производство треба да ги почитуваат сите еколошки стандарди. Сметаат дека фабриката доста им го труеше воздухот. Веќе поднесоа и барање за проширување на временскиот опсег во кривичната пријава што две години чека одговор од обвинителството.

Од менаџментот на „Пејпар мил“ предходно рекоа дека работат согласно дозволата, а не им е прифатливо барањето  да користат метан бидејќи ни Владата не го почитувала меморандумот за соработка дека годинава ќе има гас во Кочани.