(Не) правична такса?
Ако се укине надоместокот од 200 денари за пристап на мрежа, цената на струјата ќе порасне, тврди претседателот на Регулаторна Марко Бислимоски. Според пресметките кој ги презентираше, без надоместокот воведен годинава, струјата во првиот блок би поскапела за 9, во вториот за 7,8 проценти, а евтината тарифа би скокнала за 15 отсто.
Првиот регулатор вели дека е исправена неправдата кон оние кои трошат струја и кои досега им ја плаќаа мрежарината и на оние кои не трошат, а имаат повеќе објекти со приклучоци за струја.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера ја критикуваше новововедената такса за пристап до мрежа, за која рече дека е скриено поскапување на струјата и најави нејзино укинување, ако дојдат на власт.
Иако не го спомена директно, Бислимоски му одговори на Мицкоски дека ниту некоја партија претходно ја вовела евтината тарифа, ниту пак некоја партија може да укине надоместок за приклучување на дистрибутивна мрежа, освен Регулаторна и тоа врз основа на факти и бројки во интерес на најголемиот дел од домаќинствата. Во исто време, битолскиот универзитетски професор Дејан Трајковски, кој смета дека оваа такса им одговара на оние кои трошат преку 625 киловати месечно, а такви биле само 10 проценти од граѓаните.
- Помала потрошувачка имаат 90% од домаќинствата, па според тоа се оштетени од воведувањето на фиксната мрежарина. Затоа пак користат оние помалубројни домаќинства со поголема месечна потрошувачка. Со други зборови, посиромашното мнозинство, како и оние со куќи на село, плаќаат за побогатото малцинство, иако нé убедуваа дека ќе било обратно. Можеме да кажеме и поинаку: оние со „заспани“ броила, кои досега плаќаа малку (а исто така малку и трошеа и не предизвикуваа дефекти на мрежата) станаа нов извор на екстра добивки за ЕВН, благодарение на РКЕ.
Таксата за пристап до мрежа која чини 200 денари и е воведена од почетокот на годинава, ја плаќаат сите потрошувачи, вклучувајќи ги и оние кои во месецот немаат никаква потрошувачка. Од друга страна, цената на мрежарината е намалена за 12,2 отсто. Бислимоски тврди дека воведувањето на оваа такса не е никаков екстра профит на ниту една енергетска компанија.